На тема дневници…
Го памтам времето кога прв пат дознав за книгичка што значи споменар.
Го памтам и сладуњавиот мирис на страниците кога ми беше прв пат купен истиот.
Го памтам комплексното метално затворање на еден следен што го побарав и меката корица на тој после него.
Го памтам и изгледот на првите мали нотесчиња кои што одеа гратис во целофанска обвивка заедно со едно списание што обожавав да го купувам кога малку потпораснав.
Чувството за спомените и забелешките кои што ги пишував можам повторно да го оживеам.
Ги памтам големите книжарници во сите градови во кои што сум била, можеби појасно од некоја знаменитост што сум ја посетила зашто ми причинувало и сеуште ми причинува огромно задоволство да разгледувам со саати разни нотеси, дневници, тефтери и други сегменти во деловите за stationary. На крај секогаш сум излегувала со 2-3 работи кои ќе ми го држат задоволтвото до крајот на патувањето, а после и дома откога ќе почнам да ги користам.
Сега знам дека ништо не е случајно.
Не е случајно и тоа што се роди Преплет. Сигурно поради тоа што сум била понесена од се што сум впивала со години и сум се воодушевувала на слични предмети на оние кои ги имаме во колекциите откако знам за себе.
Уште од самите почетоци во асортиманот на производи беа и тефтерите кои јас и Магде ги правевме рачно. Тие беа со текстилни обвивки на кориците, меки и во внатрешната страна на корицата носеа по некоја порака. Следуваа уште многу други варијации, изработувавме многу различни и формати и техники па стигнавме и до тематските дневници.
По сите овие години едно нешто имам сосема јасно сфатено.
– Да се погоди дизајнот на одреден дневник за да ти „легне” и лесно да се приврзеш за него и да без проблем да можеш да го пополнуваш е всушност многу тешко.
Моето искуство ми има докажано дека има нотеси / дневници / тефтери кои може да те “излажат” да ги купиш и од некоја причина никогаш да не ги почнеш. Лично и јас имам многу такви.
Желбата за да почнам да водам нов дневник ме наведе изминатава година многу подетално да размислувам на ова прашање и тргнувајќи од себе добив огромна желба со Преплет да започнеме еден нов проект во кој ќе дизајнираме еден поинаков вид на дневници.
Дневници кои лесно ќе можат да сраснат за тебе и растат со тебе.
Одамна не сме си зборувале малку поинтимно за да се запознаеме и индивидуално како креативци.
Јас сум Викторија, обожавам да пишувам и многу се радувам дека ја почнувам оваа категорија.
Добредојдовте во блогот на Преплет. :)))