Работи кои ја полнат чашата
Верувам во тоа дека сите работи во животот се случуваат со причина. Верувам дека една ситуација е последователна на таа претходно и верувам во тоа дека ние самите си го креираме животот.
Пред само неколку месеци ја имав таа среќа да станам мајка по втор пат, а пред уште неколку месеци претходно почувствував огромна желба да си го променам секојдневието со цел да направам простор за сите убави работи кои мене ми ја полнат чашата.
Најголемиот предизвик откако станав мајка (верувам дека и другите мајки ќе се пронајдат во ова) ми е да го најдам тоа време за себе па макар и било пола саат. Моите денови порано беа исполнети со премногу DIY проекти кои во голема мера ги канализирав за Преплет ама и покрај Преплет јас уживав во креативни проекти и низ дома. Во тие т.н. креативни проекти ги вклучувам и уредувањето и декорирањето на домот, рачни изработки од секаков вид, готвење на несекојдневни рецепти, тематски забави со пријатели и уште ред други работи кои мене ми причинуваат огромно задоволство. Но за жал, со многу, многу труд и екстремна организација можев да направам само некои 20% од работите што ги сакам. Првата година се фрустрирав. Втората некако почнав да се задоволувам со тие 20%, а третата веќе почнав да сфаќам дека и тоа малку слободно време морам да го пренасочам на еден поинаков начин за животен баланс и ментално здравје, а тоа е преку водење на дневник каков што не сум имала до сега.
Така еден ден полна со елан седнав и размислив што сѐ би сакала да содржи мојот дневник кој би го пополнувала секој ден. Тргнав од идејата да не биде комплициран и досаден, да не се размислува премногу за полињата за пополнување, да биде мотивирачки и да можам да си направам ретроспектива на одреден период кога ќе посакам.
Така настана и Wellness Journal-от кој секако го разработивме до степен на продукција во Преплет и сега го имаме на продажба.
Во него има да се пополни:
- За што си благодарен денес,
- Краток опис на претходниот ден ако го пополнуваш наутро или опис од денешниот ако го пополнуваш навечер,
- Една мотивациска порака која прва ти доаѓа на памет,
- Кратка to do листа за работи кои што треба да се завршат на работа и по дома,
- И проект (од било каков вид) кој што го работиш во мометот.
Овој дневник ме натера да станувам наутро, да го почнувам денот со првите зраци на сонцето, да создавам рутина и да уживам во обврските кои ги носи денот.
Мене лично овој дневник ми служи како потсетник за тоа каква одприлика структура би ми имал денот, потсетник за тоа дека имам некој проект на кој што треба да се фокусирам кога ќе најдам малку време, а не од сите отворени tab-ови во главата да не знам од кај да почнам и на крај да се фатам за сосема нешто трето… Ме потсетува дека треба да бидам благодарна за многу работи кои што ги имам и да се потсетувам дека секој изминат ден е уникатен, само мој и е приказна за себе.
Во овој пост оставам простор да размислите што всушност вас ве исполнува најмногу како хоби и дали успевате тоа да го реализирате?
Дали знаете во кој дел од денот најмногу уживате и дали знаете да го искористите тој момент за себе?
Има премногу работи кои што јас, а верувам и вие би сакале да ги правите, а никогаш нема доволно време за сите нив, па затоа најважно е да се стават приоритети, ред и распоред на работите. Но најважно од сѐ е да си се запознаеме самоте себеси и да сфатиме што всушност ние сакаме од себе :).
Пишува: Викторија Ланговска Хајредин